Свет Балкан ГЕРБ ја предложи еврокомесарката Марија Габриел за идна бугарска премиерка

ГЕРБ ја предложи еврокомесарката Марија Габриел за идна бугарска премиерка

Борисов вчера изјави дека е решен да формира редовен кабинет со доделениот мандат. Тој им дал понуда до останатите пет партии во парламентот - министри во новата бугарска влада да имаат формациите кои се подготвени да го поддржат

Извор на фотографија: Mediapool.bg

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов официјално ја претстави пред бугарските пратеници еврокомесарката Марија Габриел за премиер на идната бугарска влада, јавува Медиапул.бг. Борисов од бугарскиот парламент соопшти дека Габриел ќе ги води разговорите со останатите партии за поддршка при гласањето избор на новата влада.

Борисов додаде дека нејзините ресори како еврокомесар, кои ги вклучуваат иновациите, научните истражувања, културата, образованието и младите, се теми за кои сите политички партии напишале многу ветувања во предизборните програми.

Бугарскиот претседател Румен Радев вчера изјави дека на партијата ГЕРБ ќе ѝ го додели мандатот за составување на новата бугарска влада на 15 мај. Набргу потоа Борисов објави дека неговата партија има кандидат за премиер, но одби да го именува кандидатот.

Борисов вчера изјави дека е решен да формира редовен кабинет со доделениот мандат. Тој им дал понуда до останатите пет партии во парламентот – министри во новата бугарска влада да имаат формациите кои се подготвени да го поддржат.

Лидерот на ГЕРБ најави дека ќе бара поддршка од сите други пет парламентарни формации. Меѓутоа, во пракса, тоа значи влада на ГЕРБ заедно со ДПС, Бугарската социјалистичка партија и Има таков народ, бидејќи втората по големина коалиција во парламентот „Ја продолжуваме промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) одбива да поддржи влада со мандат и учество на ГЕРБ во неа. Проруската партија Преродба исто така наведе дека би поддржале влада само доколку добијат мандат за нејзиното формирање.