Свет Генералното собрание на ОН ќе гласа за Гутереш

Генералното собрание на ОН ќе гласа за Гутереш

Генералното собрание на ОН, во кое има претставници од 193 држави, денеска ќе гласа за именување на поранешниот португалски премиер, Антонио Гутереш, на позицијата генерален секретар на светската организација.

Претседателот на Генералното собрание на ОН, Питер Томпсон, соопшти дека се надева дека именувањето на Гутереш ќе биде потврдено едногласно.

Советот за безбедност на ОН минатата недела едногласно го номинираше 67-годишниот Гутереш на местото на Бан Ки-мун, чиј петгодишен мандат истекува на 31 декември.

Португалецот би требало да стане деветти генерален секретар на ОН во 71-годишната историја на организацијата.

Освен што бил премиер на Португалија, од 1995 до 2002 година, Гутереш десет години бил на позицијата висок комесар за бегалци на ОН, од 2005 до 2015 година.

Номинацијата на Гутереш ги разочара тие што се залагаа на позицијата генерален секретар првпат да биде избрана жена, како и тие што се надеваа дека првпат на чело на светската организација, според непишаното ротирачко правило, ќе биде избрана личност од источноевропска земја.

Дипломатите соопштија дека гласале за најдобриот кандидат, без разлика на другите критериуми.
Генералниот секретар ја регулира работата на 44.000 службеници на ОН и на повеќе од 100.000 припадници на мировните сили.