Македонија Генералниот секретар на НАТО на скопскиот аеродром пречекан од министерката Петровска

Генералниот секретар на НАТО на скопскиот аеродром пречекан од министерката Петровска

Посетата на генералниот секретар на Алијансата на Северна Македонија е во рамките на неговата четиридневна посета на Западниот Балкан

Фото: Министерство за одбрана

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на Меѓународниот аеродром – Скопје го пречека генералниот секретар на НАТО алијансата, Јенс Столтенберг.

„Добредојдовте во Северна Македонија, посветен и докажан сојузник во Алијансата. Почестени сме што во македонскиот главен град ќе се реализира заедничката средба со лидерите на Северна Македонија и сојузниците – Албанија, Хрватска, Црна Гора и Словенија. Тоа покажува дека НАТО ја цени улогата на Северна Македонија како сојузник и важен столб стабилност во Западниот Балкан“, рече министерката по пречекот на генералниот секретар на НАТО.

Посетата на генералниот секретар на Алијансата на Северна Македонија е во рамките на неговата четиридневна посета на Западниот Балкан.

Столтенберг од аеродромот се упати на средба со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, по што ќе се одржи заедничка прес конференција. Потоа Генералниот секретар на НАТО ќе се обрати пред пратениците во Собранието и ќе има средба и со претседателот Стево Пендаровски.