Македонија Генерал Ѓурчиновски: АРМ ќе се преструктуира во нова формација следните 10 години

Генерал Ѓурчиновски: АРМ ќе се преструктуира во нова формација следните 10 години

Фото: АРМ

Процесот на трансформација на Армијата во новата формациска структура ќе трае до 10 години, најави началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Трансформацијата на АРМ е најавена во Стратегискиот одбранбен преглед донесен минатата година, а Ѓурчиновски очекува претседателот и врховен командант Стево Пендаровски наскоро да ја утврди новата структура и формација на армијата, која ќе го опфати активниот и резервниот состав.

Новата формација, според генералот, ќе ги опфати и усогласи активниот состав, активната и општата резерва, односно резервниот состав кој ќе биде пополнет и функционален веднаш и остатокот од резервните сили.

Ѓурчиновски истакнува дека армиските реформи се во завршна фаза. Се очекува во јуни Владата да го усвои и Долгорочниот план за развој на одбраната, кој сега интензивно се подготвуваше во соработка со Алијансата.

– Досега имавме партнерски цели, сега, како членка на НАТО, ќе имаме оперативни цели, со типови на сили кои треба да ги подготвува за операции на алијансата и опрема која треба да ја поседуваат. Од НАТО ни велат, секогаш имате убави планови, но сега ќе мора да ги реализирате – вели генерал Ѓурчиновски.

Клучна цел на реформите е подготвување на лесна баталјонска борбена група, спремна да учествува во операции на Алијансата.

– Тоа е императив – вели Ѓурчиновски, кој очекува реформските документи да се комплетираат до крајот на годината.