Македонија Габриел Ескобар, специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, се сретна со...

Габриел Ескобар, специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, се сретна со Пендаровски, на ред се Заев и Османи

Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денес го прими американскиот заменик помошник државен секретар и специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Тие на средбата разменија мислења за севкупните билатерални односи помеѓу Република Северна Македонија и САД, како и за состојбите во регионот.

Претседателот Пендаровски оцени дека посета на Ескобар во Скопје е потврда на одличните билатерални односи и важна за регионот и ја важноста на силната и континуирана поддршка од САД во остварувањето на стратешките цели на нашата држава, од прогласувањето на независноста до денес.

„Ја цениме постојаната американска поддршка за нашата европска интеграција, стабилноста и развојот на регионот. Ќе продолжиме да работиме на значајното македонско-американско стратешко партнерство и во иднина“, соопшти претседателот Пендаровски по средбата.

Ескобар во Скопје ќе се сретне и со премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Ескобар неодамна во обраќањето пред Комитетот на Претставничкиот дом за надворешна политика на САД се заложи Северна Македонија и Албанија да ги започнат преговорите со ЕУ пред крајот на годинава.

Тогаш рече дека со тоа ќе се отфрли разочараноста на населението во регионот од европските политики и ќе се запре злонамерното влијание на Русија и Кина кои работат против проширувањето на ЕУ во Западен Балкан, додавајќи дека Скопје и Тирана ја завршиле тешката работа што од нив се барала и дека процесот треба да започне без одложување.