Македонија Г.Г.Стефан: Единството треба да биде нашата најголема сила

Г.Г.Стефан: Единството треба да биде нашата најголема сила

Да се помолиме за душите на загинатите и за здравје на повредените, побара поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, во говорот по осветувањето на црква во Штип. При тоа, поглаварот се осврна на актуелната состојба и последните настани од Куманово.

– Вчерашните случувања во Куманово, потврдија дека кога ќе заборавиме на обврските кон народот и кога партиските и личните интереси ни се поважни, поинаку и не може да биде. Време е конечно да сфатиме дека единството треба да биде нашата најголема сила и гаранција за нашето опстојување. Господ нека ни помага да го разбереме тоа, но што поскоро! Во овој миг, да си спомнеме и да се помолиме за здравје на повредените и за душите на загинатите полицајци. Господ да им дарува царство небеско – рече г.г. Стефан.

Поглаварот на МПЦ-ОА рече дека се променивме на подобро со изградбата на верските храмови, но ни требаат уште промени во меѓусебните односи и почитувањето едни кон други.

– Нашето богољубие најдобро ќе го потврдиме со нашето човекољубие. Не можеме да го сакаме Бога, кого не го гледаме, а го мразиме братот што го гледаме, предупредува светиот апостол Јован. Народот рекол „Кога двајца се караат, третиот користи“, односно кога двајца се караат, третиот по двјацата ќе удри – рече поглаварот на МПЦ-ОА во Штип.