Свет Европа Францускиот премиер најави намалување на данокот за компаниите и инвестициски план

Францускиот премиер најави намалување на данокот за компаниите и инвестициски план

Францускиот премиер Едуар Филип денеска најави серија фискални мерки, вклучувајќи и намалување на данокот за компаниите, намалување на јавната потрошувачка, а претстави и инвестициски план вреден 50 милијарди евра.

Претставувајќи ја политиката на владата во Националното собрание, Филип рече дека Франција ќе го намали данокот за компаниите од 33 на 25 отсто до 2022 година.

– Траба да се врати желбата кај компаниите да отвораат фабрики и да се развиваат на наше тло, а не на друго место – рече францускиот премиер и најави серија фискални мерки кои треба да бидат изгласани годинава, а да бидат спроведени во следните две години.

Премиерот истакна дека францускиот долг достигнал „неподносливо ниво“ од 2.147 милијарди евра.

– Играме на вулкан кој сè посилно грми – рече тој и додаде дека сака да стави крај на „француската зависност од јавната потрошувачка“ и дека ќе го спушти францускиот јавен дефицит под 3 отсто до крајот на годинава.

Филип рече дека Франција ќе иницира голем инвестициски план од 50 милијарди евра, а инвестициите ќе бидат насочени кон еколошката транзиција, здравството, сообраќајот, земјоделството и кон модернизација на државата.