Македонија Фондот на лабораториите во иднина ќе им плаќа по 1.850 денари за...

Фондот на лабораториите во иднина ќе им плаќа по 1.850 денари за направен корона тест

Фондот за здравствено осигурување за 50 отсто помалку ќе им исплаќа на лабораториите за изработка на ковид тестовите, јавува „СДК.мк“. Наместо досегашните 3.600 денари, исплатата за направен корона тест на државните болници и лаборатории ќе изнесува 1.850 денари. Граѓаните и во иднина ќе можат да се тестираат бесплатно во јавното здравство, но од Фондот се надеваат дека ваквиот потег ќе ја намали цената на корона тестовите кај приватните лаборатории и болници во земјава.

Приватните лаборатории и болници во земјава наплаќаат различни цени за изработка на ковид тестови кај пациентите, кои достигнуваат и до 9.000 денари во случај да е потребен брз резултат од тестирањето. Дел од граѓаните што се тестираат во приватни лаборатории ги користат резултатите за да можат да патуваат надвор од нашата земја или пак за да извршат некаква интервенција во приватните болници. Сепак, има и граѓани кои не можат да закажат термин за корона тест во јавното здравство поради тоа што не ги задоволуваат критериумите од епидемиолошката анкета, па се приморани да платат во приватните лаборатории и болници.

Заклучно со денешниот ден, во земјава се направени вкупно 181.034 тестирања на ковид-19. Најголем дел од нив се изработени во државните лаборатории и болници. Сепак, интересот за тестирање на граѓаните во наредниот период се очекува да расте.

Во текот на денешниот ден беа направени 1.630 теста преку: Институт за јавно здравје-492, Центар за јавно здравје – Скопје-46, Авицена-418,  Биотек-147, МАНУ-100, Жан Митрев (Филип Втори)-176, Систина со PCR метода-117, лабораторија Лаор-23, Судска медицина-17, ЦЈЗ Битола-51, Инфективна клиника-3, ГАК-14 и Синлаб-26.