Дигитални права Фондацијата Метаморфозис од 18 до 20 мај ја организира меѓународната Open Data Conference

Фондацијата Метаморфозис од 18 до 20 мај ја организира меѓународната Open Data Conference

Извор: Фондација за интернет и општество Метаморфозис

Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис организира меѓународна конференција Open Data Conference во Скопје, која ќе се одржи од 18-ти до 20-ти мај, 2022 година. Ова издание на конференцијата ќе биде фокусирано на темата „Податоците и културата на отвореност“ и ќе биде составено од панел сесии, тркалезни маси и обуки. Настанот се организира во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Конференцијата има за цел да ја обедини заедницата за отворени податоци со цел да споделува и учи, планира и соработува за иднината на отворените податоци, со посебен акцент на актуелната ситуација во Северна Македонија и регионот на Западен Балкан.

За време на тридневната конференција, широк спектар на практичари во полето на отворени податоци, претставници на влади и општини, медиуми, корисничка заедница, како и бизнис претставници и експерти за податоци од Северна Македонија, Западен Балкан и светот, ќе ги споделат своите мислења, идеи, искуствата и предизвиците во врска со спроведувањето на активности за отворени податоци.

На конференцијата се очекуваат дискусии и дебатирање за политиката за отворени податоци за отворени градови – во однос на техничките и не техничките предизвици, достигнувања и планови. Говорниците ќе се осврнат на потребата од забрзување на интероперабилноста, автоматизацијата и квалитетот на податоците, како процеси во позадина кои ќе обезбедат поголема вредност на отворените податоци.