Свет Европа Фон дер Лајен: ЕУ да размисли за користење на замрзнатите руски средства...

Фон дер Лајен: ЕУ да размисли за користење на замрзнатите руски средства за украинската војска

Не постои посилен симбол и подобра употреба на тие пари од тоа да се направат Украина и цела Европа побезбедно место за живеење, кажа претседателката на Европската комисија

Фото: Европска Унија, 2023

Европската Унија треба да размисли за користење на профитот од замрзнатите руски средства за купување воени материјали за Украина, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а пренесува новинската агенција Ројтерс.

„Време е да се започне разговор за користење на неочекуваните профити од замрзнатите руски средства за заедничко купување воена опрема за Украина“, рече Фон дер Лајен пред Европскиот парламент во говорот во кој ја повика ЕУ да направи повеќе за одбранбената политика.

Таа додаде дека не постои посилен симбол и подобра употреба на тие пари од тоа да се направат Украина и цела Европа побезбедно место за живеење.

Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон се соочи со критики од некои од француските партнери во НАТО и ЕУ со предупредување за конфликт со Русија, откако посочи дека не ја исклучува можноста да се испратат копнени трупи во Украина.

По состанокот на високо ниво во Париз на главно европски партнери за да разговараат за тоа кои итни чекори би можеле да се преземат за да се зајакне Украина во пресрет на неодамнешниот напредок на руските сили, францускиот претседател на прес-конференција рече дека не ја исклучува можноста за испраќање војници.

Макрон кажа дека не постои консензус за таков план, но додаде дека ништо не треба да се исклучи за да се порази Русија и да се одржи безбедноста во Европа.

Во меѓувреме, на фронтот во Украина, руски беспилотни летала и ракети Ц-300 нападнале неколку локации вчеравечер и утрово, соопштија украинските воздухопловни сили, а пренесува Гардијан.

Сите дронови биле сооборени, но не е наведено дали проектилите стигнале до своите цели.

Еден ден претходно, украинските сили соборија руски борбен авион Су-34 на источниот фронт, изјави командантот на украинските воздухопловни сили Микола Олешчук.