Македонија Флекенштајн: ВМРО не сака да се тргне, а ЕУ и...

Флекенштајн: ВМРО не сака да се тргне, а ЕУ и ЕПП не ја поддржуваат таквата политика

Европратеникот и известувач за Македонија на Европскиот парламент, Кнут Флекенштајн, изјави дека е разочаран од случувањата во македонската држава и порача дека Европската Унија треба демократски да помогне во решавање на македонската политичката криза, јавува државната агенција МИА.

– Да, разочаран сум многу во однос на тоа како да се излезе од оваа состојба. Одговорот е да пробаме со демократијата. По изборите, ако има коалиција изградена со 67 лица, тогаш тие треба да добијат можност да формираат влада. А, ако тоа не функционира, тогаш ќе сугерирам да се гласа за другите следниот пат. Како што знаете, ВМРО-ДПМНЕ не сака да се тргне. Затоа, јас мислам дека гласачите треба да знаат дека никој во ЕУ, дури ниту во европската партија на Груевски не ја поддржува таа политика. Гласачите треба да слушнат дека ова не е прашање за лево или десно, туку е прашање за демократија. Знам дека е сензитивно прашање за некои личности, но ние гледаме паралелно за тоа дали заедничко решение е можно. Но, на крајот е јасно, гласачите избраа и тие што се собраа треба да имаат шанса – рече Флекенштајн на  дебата „Кризата на демократијата на Западен Балкан“ организирана од Европскиот парламент.

Европратеникот Едвард Кукан, кој исто така е еден од известувачите за Македонија, ја осудил „поларизираната реторика од некои ЕУ-земји на Балканот“ и порачал дека и ЕУ треба нешто да му испорача на Балканот, а не само да бара.