Економија „Фич“ и „Стандард и Пурс“ : Ковид-19 кризата ќе го зголеми државниот...

„Фич“ и „Стандард и Пурс“ : Ковид-19 кризата ќе го зголеми државниот долг до 50 проценти

Кредитните агенции „Фич“ и „Стандард и Пурс“ го потврдија уште еднаш кредитниот рејтин на Македонија. „Фич“ ја оценува земјава со ББ+, но овојпат со негативен изглед, поради глобалната пандемија, додека „Стандард и Пурс“ со ББ-, со стабилен изглед, соопшти Министерството за финансии.

И двете кредитни агенции, како резултат на Ковид-19 кризата и проекциите за забавување на глобалната економија, предвидуваат контракција на економскиот резултат во 2020 година и заздравување, односно раст во 2021 година, со тоа што „Фич“ проектира -4,2 проценти за годинава и 5,1 проценти раст во 2021, додека „Стандард и Пурс“ -5 проценти во 2020 и раст од 3,8 отсто во 2021 година.

Кредитните агенции ги нотираат мерките преземени од Владата за зачувување на работните места, поддршката за најпогодените индустрии, како и регулаторните мерки. Како што се наведува во нивните извештаи: „Мерките ќе придонесат за зголемување на буџетскиот дефицит и ќе влијаат на раст на државниот долг кој ќе се приближи до 50 проценти. Заедно со заздравувањето на економијата, ќе има и намалување и стабилизирање на буџетскиот дефицит“.

Овие две кредитни агенции го оценуваат банкарскиот сектор како стабилен, исто како и домашната валута која има фиксен курс со еврото, а исто така позитивно се оценува зеленото светло од Европската унија за почеток на преговори, што заедно со спроведувањето на реформите, може значително да придонесе за развој на економијата.