Дописници Фестивалот „Макфест“ повторно ќе се одржува во октомври

Фестивалот „Макфест“ повторно ќе се одржува во октомври

Фестивалот на забавна музика „Макфест“ се враќа на старите датуми на одржување, односно на 5, 6 и на 7 октомври.

Според директорот на „Макфест“, Љупчо Мирковски, стариот датум се враќа на барање на штипјани, кои изданието на овој фестивал го врзуваат за месецот октомври.

Мирковски соопшти дека е завршен конкурсот за нови песни, а од денеска комисијата почнува да ги преслушува пристигнатите 140 композиции.

– Дел од нив се од домашни, а дел од странски автори. Благодарение на тоа што го правевме минатата година со странските изведувачи, малку се прошири веста низ Европа дека овде има фестивал кој заслужува да му се обрне многу внимание. Има песни од Киргистан, Белорусија, Шведска, Норвешка, Германија, Куба и од Шпанија – соопшти Мирковски пред новинарите.

Годинава ќе има новини во гласањето, а наградите остануваат исти. Како и досега, првата награда изнесува 10.000 евра, втората – 7.500 евра, а третонаградената композиција добива 5.000 евра.

Традицијата со одржување на фестивалот беше прекината изминатите неколку години и фестивалот се одржуваше во јуни.