Свет Федералниот суд во Бостон денеска одлучува за указот на Трамп за депортација

Федералниот суд во Бостон денеска одлучува за указот на Трамп за депортација

Пред Федералниот суд во Бостон денеска треба да почне постапка во која ќе биде донесена одлука за продолжување на привремената забрана за депортација на државјани на седум земји со повеќето муслимански жители, на кои американскиот претседател, Доналд Трамп, пред една недела им забрани влез во САД.

Бостонскиот суд во неделата, на барање на Американското здружение за граѓански слободи, донесе одлука со која на седум дена се забранува депортација на државјани на Иран, Ирак, Сомалија, Сирија, Јемен, Либија и на Судан, кои пристигнале во САД во моментот на носењето на уредбата за забрана за влез во земјата.

Здружението го поднесе барањето за привремена забрана во име на двајца универзитетски професори, ирански државјани со постојан престој во САД, кои се задржани на бостонскиот аеродром кога се враќале од научна конференција од странство.

Барање во текот на неделава поднесе и меѓународната невладина организација „Оксфам Америка“ и неколку лица кои не се американски граѓани, но се легално во САД и стравуваат дека нема да можат да се вратат во земјата доколку излезат, а кон нив се приклучи и државната обвинителка на Масачусец, Мора Хили.