Свет Европа Евакуиран аеродром кај Стокхолм поради сомнителни траги од експлозив

Евакуиран аеродром кај Стокхолм поради сомнителни траги од експлозив

Делови од шведскиот аеродром „Скавста“, кој се наоѓа во близина на главниот град Стокхолм, утрово биле евакуирани откако при безбедносна контрола на една патна торба бил пронајден сомнителен прав, кој е можно да е од експлозив, јавуваат светските медиуми.

Според информациите, евакуирани биле излезните терминали и делот каде што се предава багажот.

Кон аеродромот, кој се наоѓа на околу 100 километри југозападно од Стокхолм, веднаш била испратена полициска единица со експерти за експлозив, кои почнале со истрагата.

Дел од шведските медиуми пренесуваат дека куферот со сомнителниот прав ѝ припаѓал на повозрасна жена.

„Патникот кој е сопственик на торбата соработува со полицијата. Немало никакви претходни закани по безбедноста на аеродромот и немаме причина да не му веруваме на патникот“, изјавиле од полицијата.

„Скавста“ е петти по големина аеродром во Шведска, на кој слетуваат, главно, авиони на нискобуџетни компании и товарни авиони.