Свет Европа ЕУ треба да се подготви за џихадистите од Мосул, вели еврокомесарот за...

ЕУ треба да се подготви за џихадистите од Мосул, вели еврокомесарот за безбедност

Европската Унија треба да биде подготвена за џихадистите повратници доколку Исламска држава биде истерана од своето упориште – градот Мосул во Ирак, предупредува еврокомесарот за безбедност на ЕУ, Џулијан Кинг, во интервју за германскиот весник „Велт“, пренесува „Би-би-си“.

Според Кинг, дури и мал број милитанти повратници би претставувал сериозна закана, поради што Унијата мора да биде подготвена.

Ирачките сили вчера почнаа офанзива во Мосул, каде се проценува дека се останати околу 5.000 борци на ИД.

Според дипломатот Џулијан Кинг, кој неодамна беше назначен за еврокомесар за безбедност, во борбените зони под контрола на Исламска држава во моментов има околу 2.500 борци со потекло од земји-членки на ЕУ.

Сепак, како што вели еврокомесарот, многу малку е веројатно дека ќе има масовен егзодус на борци на ИД во Европа зашто слични случаи од минатото покажуваат дека само мал број џихадисти се враќаат назад.

„Не велам дека со тоа ризикот е намален. Дури и мал број повратници претставува закана“, изјавил за Кинг за „Велт“, пренесува „Би-би-си“.