Свет Балкан ЕУ одлучи: Граѓаните на Косово добија визна либерализација

ЕУ одлучи: Граѓаните на Косово добија визна либерализација

По долгогодишно чекање, Косово е последно од регионот на Западен Балкан што го отстрани визниот режим

Фото: Guillaume Périgois on Unsplash

Европскиот парламент денес без гласање, бидејќи немаше приговор, ја одобри конечната одлука: Граѓаните на Косово од 1 јануари 2024 година слободно ќе се движат низ Европа, пренесе приштинска Коха.

Претседателот на Европскиот парламент и Шведска како шеф на претседавањето со ЕУ утре официјално ќе ја потпишат одлуката за либерализација.

Граѓаните на Косово ќе можат слободно да се движат од 1 јануари 2024 година. Ова прашање беше поврзано со системот за патување ETIAS во Европа, поточно неговото стапување во сила. Бидејќи рокот за операционализација на ETIAS е одложен за 2024 година, укинувањето на визите за граѓаните на Косово ќе се случи на 1 јануари следната година.

Известувачот за Косово во Европскиот парламент Тијс Ројтен изјави дека ова е чекор за приближување на Косово кон Европската унија.

„По долгогодишно чекање, Косово сега е последното од регионот на Западен Балкан што го отстрани визниот режим. Ова конечно им овозможува на граѓаните на Косово слободно да се движат, да ги посетуваат своите роднини и да работат во ЕУ. Но, ова е надвор од тоа: оваа клучна одлука е исто така важна основа за идната соработка и најблиските односи меѓу ЕУ и Косово“, рече Ројтен.