Свет Европа ЕУ нема да ѝ испорача на Украина 1 милион парчиња муниција

ЕУ нема да ѝ испорача на Украина 1 милион парчиња муниција

„Целта од 1 милион нема да биде постигната, мораме да го знаеме тоа“, рече Писториус при пристигнувањето на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ, каде што воената помош за Кијив е на врвот на агендата

Фото: Christophe Gateau/dpa

Европската Унија најверојатно нема да испорача 1 милион парчиња муниција на Украина како што беше претходно договорено, изјави денеска во Брисел германскиот министер за одбрана Борис Писториус, пренесе германската новинска агенција ДПА.

Земјите на ЕУ одлучија да ѝ дадат гранати на Украина до март 2024 година, за да ја поддржат земјата во нејзината одбрана од Русија.

„Целта од 1 милион нема да биде постигната, мораме да го знаеме тоа“, рече Писториус при пристигнувањето на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ, каде што воената помош за Кијив е на врвот на агендата.

Околу 300.000 гранати биле доставени до Кијив според договорот досега, изјави претставник на ЕУ, пренесе ДПА.

„Гласовите кои уште од самиот почеток предупредуваа дека целта е нереална, сега за жал испадна дека се во право“, рече Писториус.

Пред денешната средба со европските министри за одбрана во Брисел, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека досега не виделе вистинска волја од страна на рускиот претседател Владимир Путин да преговара за прифатливо решение за Украина.

Според него, потребно е Путин да се убеди себеси дека нема да победи на бојното поле.

„Веројатноста за постигнување прифатлив и преговарачки исход се зголемува со обезбедувањето поголема воена поддршка за Украина. Војните се непредвидливи, никој не може да каже кога и како ќе заврши оваа војна“, рече Столтенберг.

Тој најави дека ќе разговара со европските министри за прашањето за заштита на критичната подводна инфраструктура на Европа. Тој прецизираше дека по оштетувањето на гасоводот „Северен поток“ и на балтичкиот гасовод, НАТО воведува дополнителни патроли во Северното Море и во регионот на Балтичкото Море.