Свет Европа ЕУ: Естонија и Полска да ги достават даночните информации

ЕУ: Естонија и Полска да ги достават даночните информации

Европската унија им нареди на Естонија и на Полска што поскоро да ги достават информациите за даночните договори што ги имале со одредени компании, како што тоа го направиле останатите членки на ЕУ по аферата „Луксликс“ која покажа дека на меѓународните компании им се давани даночни олеснувања.

Комисијата во декември им нареди на сите земји на ЕУ да ги предадат даночните информации за периодот од 2010 до 2013 година, а Полска и Естонија се единствените земји што не го направиле тоа. Доколку не ги предадат податоците во наредните 30 дена, Комисијата може да го покрене случајот пред Европскиот суд на правдата.

Освен тоа, на 15 земји, вклучувајќи ги и Германија и Франција, наредено им е до европските регулатори да достават дополнителни информации за даночните договори со компаниите.

– Ги склопуваме коцките за даночната практика во ЕУ – изјави европската комесарка за конкурентност, Маргарет Вестагер.

ЕУ веќе покрена истрага поврзана со даночните договори на „Епл“ во Ирска, „Старбакс“ во Холандија и на „Амазон“ и на „Фијат“ во Луксембург.