Македонија ЕУ дозволи пристап на Македонија до Европскиот солидарен фонд за справување со...

ЕУ дозволи пристап на Македонија до Европскиот солидарен фонд за справување со Ковид-19

Заменикот претседател на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи денес одржа видео-конференциски состанок со Оливер Вархеји, eврокомесар за соседска политика и преговори за проширување, информираат од Секретаријатот за европски прашања.

Еврокомесарот Вархеји го известил вицепремиерот Османи дека Македонија како земја – преговарач добила пристап и до Европскиот солидарен фонд, од каде заедно со земјите – членки на ЕУ ќе бидат соодветно распределени средствата за солидарно справување со предизвиците од КОВИД – 19.

Османи и Вархеји разговарале за активностите на Владата и на Координативниот штаб во справувањето со предизвиците од епидемијата КОВИД 19, како и можностите за подлабока соработка во оваа насока со институциите на ЕУ.

– Итната помош од четири милиони евра, но и ослободувањето на преку 60 милиони евра од ИПА средствата за справување со социо – економските предизвици претставуваа значајна помош од стана на Европската Унија, а особено радува фактот што земјата станува дел и од заедничкиот европски механизам за заштита од КОВИД – 19, преку учество и во заедничката набавка на Европската Унија за медицински средства за оваа намена – истакнал Османи во разговорот со еврокомесарот Вархеји.