Македонија ЕУ донира седум амбулантни возила на скопската Итна помош

ЕУ донира седум амбулантни возила на скопската Итна помош

Главниот град има најголеми потреби и население во државата и донацијата ќе го ублажи недостигот од возила, се вели во соопштението на Делегацијата на ЕУ во земјава

Фото: Мета.мк

Утре амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија ќе ѝ примопредаде на Службата за итна помош Скопје седум возила за брза помош финансирани од ЕУ.

„Делегацијата на Европската Унија обезбеди седум амбулантни возила финансирани од ЕУ за Итната помош во Скопје и Здравствениот дом Скопје. Возилата ќе превезуваат болни или повредени лица до болниците во Скопје. Главниот град има најголеми потреби и население во државата и донацијата ќе го ублажи недостигот од возила“, се вели во соопштението на Делегацијата на ЕУ во земјава.

Од 2021 година па наваму, Делегацијата на Европската Унија обезбеди системи за магнетна резонанца и за компјутерска томографија во осум болници низ земјата.

Проектите финансирани од ЕУ кои го поддржуваат спроведувањето на Стратегијата за здравство 2023-2030 и системот за трансплантација се во тек. Поддршка на програмата за скрининг и превенција на рак, програмата за неонатална грижа и надградбата на апликацијата „Мој термин“ се планирани за финансирање од ЕУ во 2024 година.