Економија ЕСМ Продажба е новиот снабдувач со природен гас преку „Балкан Утилитис“ од...

ЕСМ Продажба е новиот снабдувач со природен гас преку „Балкан Утилитис“ од Бугарија

Комбинираната електрана Те-То; Фото: Мета.мк

ЕСМ Продажба денеска потпиша договор за снабдување со природен гас за производство на топлинска енергија за топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за останатите потрошувачи на природен гас во државата, соопштија оттаму. Потрошувачите на природен гас во државата потребно е да се обратат до ЕСМ Продажба за понатамошно снабдување за своите потреби од 1 јануари.

„Договорот е потпишан со фирмата „Балкан Утилитис“ од Бугарија, за испорака на природен гас за месец јануари по цена од 115,97е/MWh. Истата фирма даде понуда за снабдување и до 1 мај в година, со тоа што ќе дава месечни понуди за цена пред почетокот на секој месец. Досегашниот снабдувач со гас на АД ЕСМ, Макпетрол Пром–Гас, понуди цена од 116,20e/MWh, која не беше фиксирана, а третиот понудувач „A.P.M.P. Handels Ges“ не даде комплетна понуда“, информираат во ЕСМ Продажба.

Оттаму, на 23 месецов објавија повик за прибирање понуди од домашни и странски компании кои имаат можност да обезбедат и да испорачаат потребна количина на природен гас. Беше испратена директна покана за понуда до сите активни лиценцирани фирми за трговија и снабдување со природен гас во државата.