Економија ЕСМ обезбеди јаглен за РЕК Осломеј, за РЕК Битола ќе треба нов...

ЕСМ обезбеди јаглен за РЕК Осломеј, за РЕК Битола ќе треба нов тендер

Фото: ЕСМ

На повикот на Електрани на Северна Македонија за набавка на доволно количини на јаглен пристигнати се понуди за јаглен од три македонски рудници, потоа од рудници од Албанија, Косово, Русија, Турција и Босна и Херцеговина, соопшти денес генералниот директот Васко Ковачевски.

„На јавниот повик за набавка на јаглен за РЕК Битола и РЕК Осломеј се јавија 9 економски оператори. Овие економски оператори дадоа 5 понуди за јаглен за РЕК Битола и 8 понуди за РЕК Осломеј“, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека во прва фаза утврдено е дека понудите за Осломеј ги исполнуваат барањата за потребните количини, и се продолжува со проценка на другите сегменти од тие понуди во втора и трета фаза.

За РЕК Битола, Ковачевски кажа дека понудите не ги исполнуваат целосно количините кои се бараа, односно не се понудени доволни количини на јаглен.

„Од тие причини АД ЕСМ во најкус рок повторно ќе објави повик за РЕК Битола и повторно ќе бара понуди за потребните количини за овој капацитет“, најави Ковачевски.

Според него сега следува евалуација во втора фаза, односно ќе се направи техничка, комерцијална и економска анализа, проверка на пробните количини кои треба да се достават и потоа одлука за избор.