Македонија Ердоган на средбата со Џафери го потврдил ставот за употребата на уставното...

Ердоган на средбата со Џафери го потврдил ставот за употребата на уставното име

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во рамките на официјалната посета на Турција, се сретнал со претседателот Реџеп Таип Ердоган во Анкара.

Ердоган ја нагласил поддршката на Турција за интеграција на Македонија во НАТО, како и принципиелниот став во однос на употребата на уставното име на Република Македонија.

„Тој подвлече дека Турција беше една од првите држави што ја призна нашата земја под нејзиното уставно име, таа прва отвори амбасада и назначи амбасадор во земјата. Истовремено, турскиот претседател се осврна на потребата за интензивирање на економската соработка, реафирмирајќи ја заложбата годишната трговска размена меѓу Турција и Македонија да се искачи на една милијарда долари“, информираат од кабинетот на Џафери.

На средбата, меѓудругото, станало збор и за потребата од интензивирање на соработката во борбата против тероризмот, при што било нагласено дека Македонија го осудила обидот за државен удар во Турција и ги поддржува демократски избраните институции.

„На крајот од средбата, заеднички беше нагласено значењето на меѓупарламентарната соработка и парламентарната дипломатија за билатералните и мултилатералните односи, во однос на унапредувањето на политичкиот дијалог и зголемувањето на динамиката на севкупната соработка меѓу земјите“, се додава во соопштението.