Свет Балкан Ердоган: Годината почна тажно, но Турција нема да му се предаде на...

Ердоган: Годината почна тажно, но Турција нема да му се предаде на тероризмот

Да се каже дека Турција се предала пред тероризмот, значи да се биде на страна на терористите и на терористичките организации, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Во првото јавно обраќање по нападот во ноќниот клуб во Истанбул, извршен на новогодишната ноќ, при што беа убиени 39 лица, Ердоган рече дека без разлика на „тажниот почеток на 2017 година“, Турција останува силно посветена на своите приоритети за оваа година.
Тој оцени дека нападот е изведен за да ги сврти граѓаните на Турција едни против други и да ги продлабочи разликите и додаде дека Турција нема да се согласи на таква игра.
Според него, нападот на ноќен клуб во Истанбул, за кој одговорноста ја презеде Исламска држава, е изведен за да се загрози турската економија.
Одговарајќи на обвиненијата дека Турција во минатото ѝ давала поддршка на ИД, Ердоган рече дека таквите претпоставки се тоа што ИД го сака.
– Тоа е тоа што ИД го сака, да ја претстави земјата што ја предводи борбата против ИД како држава која поддржува тероризам – рече Ердоган.
Тој рече дека ниту еден живот во Турција не е загрозен, а тие што го тврдат тоа, треба истото да го поткрепат со докази.