Подглавна секција Ердоган ги поврза кандидатурата на Шведска за НАТО со членството на Турција...

Ердоган ги поврза кандидатурата на Шведска за НАТО со членството на Турција во ЕУ

Ердоган вели дека Шведска презела чекори во вистинската насока со менување на антитерористичките закони, но дека тој сè уште има забелешки

Senat RP/Polish Senate, CC BY-SA 3.0 PL , via Wikimedia Commons

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека неговата земја ќе го поддржи приклучувањето на Шведска во НАТО доколку Европската Унија ги отвори преговорите за членство за Турција, пренесува Би-би-си.

Ердоган рече дека ова ќе биде побарано на самитот на НАТО во Литванија неделава.

Ердоган рече дека Шведска презела чекори во вистинската насока со менување на антитерористичките закони, но дека тој сè уште има забелешки.

Унгарија, исто така, имаше забелешки околу шведската кандидатура за НАТО алијансата, но рече дека нема да го одложува процесот доколку Турција го смени својот став.

Шведска ѝ се придружи на Финска во обидите да стане членка на НАТО по руската инвазија врз Украина. Финска стана 31-та членка на алијансата во април, откако Турција ги повлече приговорите слични на оние што ги имаат и за апликацијата на Шведска.

Обидот на Анкара за влез во ЕУ е замрзнат со години. Земјите-членки гласаа за прекин на разговорите за ова прашање во 2016 година поради одговорот на Турција на неуспешниот обид за државен удар.

Односите меѓу блокот и Турција се подобрија, при што ЕУ се потпира на помошта на Турција за повеќе прашања, вклучително и миграцијата.