Македонија Емил Димитриев ќе биде преоден премиер откако Груевски ќе ја активира оставката

Емил Димитриев ќе биде преоден премиер откако Груевски ќе ја активира оставката

Актуелниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев, ќе биде новиот премиер, кој ќе дојде на чело на преодната влада откако ќе биде активирана оставката на Никола Груевски, соопшти и официјално вечерва на прес-конференција Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Одлуката Димитриев да биде на чело на преодната влада, што на денешната седница ја донел извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, била потврдена од централниот комитет на партијата.

Димовски рече дека претседателот на партијата, Никола Груевски, ја има целосната поддршка на централниот комитет и дека тој повторно ќе биде кандидат за премиер на ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори.

Груевски, во вечерашното обраќање до јавноста, соопшти дека утре до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, ќе ја депонира оставката на функцијата премиер, која ќе биде активирана 100 дена пред официјалниот датум на изборите.