Економија ЕЛЕМ: Електроенергетската состојба е стабилна, се задоволуваат сите потреби на потрошувачите

ЕЛЕМ: Електроенергетската состојба е стабилна, се задоволуваат сите потреби на потрошувачите

Електроенергетската состојба е стабилна и граѓаните и целата индустрија што е на регулираниот пазар ги добиваат сите потребни количества енергија, соопшти денеска директорот на АД ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски.

– Во првите седум денови од годинава АД ЕЛЕМ своето производство го има надминато за 10,9 проценти и во целост одговори на потребите на граѓаните и на индустријата – рече Мицкоски и додаде дека деновиве, откако земјата е зафатена со студен бран, потрошувачката на енергија е зголемена за десетина проценти во споредба со истиот период минатата година.

Мицкоски истакна дека АД ЕЛЕМ во целост ги има ставено на располагање сите свои производствени капацитети кои работат, а оти хидроелектраните се во резерва. Доколку дојде до зголемување на потребите на потрошувачите, компанијата ќе ги стави во функција и хидроелектраните за да одговорат на потребите на потрошувачите.