Дописници Електричните тротинети ќе го менуваат Законот за безбедност на сообраќајот

Електричните тротинети ќе го менуваат Законот за безбедност на сообраќајот

Расте интересот за користење на електричните тротинети во земјава, а заедно со него и грижата поради фактот што овие превозни средства не се нормативно регулирани и не се воспоставени стандарди за безбедност и за овој вид учесници во сообраќајот. Покрај навалата од вакви превозни средства во Скопје, и во Охрид електричните тротинети летово се хит во градот и истите редовно се користат за превоз до плажа, до продавница или на кејот на Охридското езеро.

Од СВР Охрид досега не евидентирале сообраќајни несреќи предизвикани од лица кои управувале електрични тротинети. Посочуваат дека е потребно да се користи заштитна кацига заради лична безбедност на лицата кои ги управуваат тротинетите.

Со оглед дека учеството на електричните тротинети во сообраќајот стана зачестена појава по сообраќајниците, а имајќи предвид дека овој вид на превозно средство не е регулирано во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за  внатрешни работи подготвува законски измени и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а во насока на нормативно регулирање и воспоставување на стандарди за безбедност и за овој вид учесници во сообраќајот.

Формирана е работна група, која меѓу другите измени на законот кои се планираат, треба да изнајде соодветно решение и за ова ново превозно средство кое е сè попопуларно и кај нас. И во други земји во Европа се бара начин како најсоодветно да се регулира ова превозно средство, па нашата работна група користејќи ги искуствата и мислењата на експертите ќе предложи соодветно решение информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.