Главна секција „Економист“: Рангирањето на „Дуинг бизнис“ е нереално и нецелосно!

„Економист“: Рангирањето на „Дуинг бизнис“ е нереално и нецелосно!

Угледниот меѓународен неделник „Економист“ со седиште во Лондон, со неделен тираж од 1,5 милиони примероци на седум континенти, дава сериозни забелешки во однос на рангирањето на земјите во извештајот „Дуинг бизнис“ (Doing Business) на Светската банка, изразувајќи загриженост поради одредени негови недостатоци.

Имено, поголем број земји кои високо котираат или, пак, имаат брз подем на листата „Дуинг бизнис“, во суштина се – сиромашни.

За да добијат поповолно место на листата, овие држави се склони кон странски директни инвестиции или помош, што, доколку стане цел на политиката на една влада, не е сигурен начин за водењето на националната економијата.

Притоа, како што пишува „Економист“, не се земаат предвид важни елементи на бизнис-климата, како што се безбедност, корупција, големина на пазарот, финансиска стабилност, инфраструктура и знаење.

Графиконот ја истакнува контроверзата според која редица сиромашни земји се високо рангирани на листата

Македонија, според „Дуинг бизнис“, е помеѓу највисоко рангираните земји во леснотијата на водење бизнис, подобрувајќи го рангирањето од 31. место минатата година (пресметано според новата методологија) на 30.а место во последниот извештај, објавен на 29 октомври 2014 година.

„Показателите за мерење“ за оваа листа, се речиси нецелосни. Слабоста на извештајот, според „Економист“ се гледа и во тоа што за него не се анкетирани бизнисмените.
Сиромашните земји имаат тенденција да имаат повеќе правила, но пречка е што голем дел од нив не можат да се спроведат. А, токму донесувањето регулатива и закони во согласност со европските, најчесто е главниот критериум според кој „Дуинг бизнис“ ги рангира државите.

– Кога строги правила се спроведуваат од страна на слаба држава, фирмите на кои се однесуваат ќе најдат начин како да избегаат од црвената линија – оценува „Економист“.

Јазот меѓу рангирањето на листата на „Дуинг бизнис“ и просечниот приход е многу голем, како што се случува во Македонија, или, на пример, Руанда.

Руанда е рангирана десет места погоре од Италија и покрај тоа што е една од најсиромашните земји во светот.