Дописници Еколозите и реактивната мисија на УНЕСКО: Животната средина не е за остварување...

Еколозите и реактивната мисија на УНЕСКО: Животната средина не е за остварување профит

Здружението за заштита на животните и животната средина „Еден“, заедно со реактивната мисија на УНЕСКО, денеска во Охрид ги систематизира препораките и заклучоците од претходно одржаните средби со граѓанските организации што го третираат прашањето на заштитата на околината.

Една од темите на средбите беше „Заштитени зони во Охридско-преспанскиот Регион во рамки на програмите на УНЕСКО“, а ја презентираше Наташа Доневска, консултант за одржлив развој. Таа е еден од тројцата консултанти што ја пишуваа номинацијата за Прекуграничниот биосферен резерват Охрид-Преспа.

Драгана Велковска од Здружението „Еден“ потсетува дека животната средина не е за остварување профит.

– На заштитата на животната средина не смее да се гледа како на неможност за остварување профит, напротив, туризмот во регионот постои токму поради природата и токму затоа не смееме да си дозволиме да ја уништиме засекогаш. Уништувањето на природата ќе значи уништување на туризмот – додава Велковска.

Александар Јованоски од туристичкиот кластер на Југозападна Македонија, го посочи примерот на Словенија, која живее од тоа што ја продава приказната на првата зелена земја во светот, а има далеку помалку природни богатства од Македонија.

– Ние имаме многу, но мора да научиме убаво да ги спакуваме ако сакаме да ги продаваме – напомена Александар Јованоски.

Д-р Вера Новевска од Македонското лимнолошко друштво, инаку пензиониран научник со 35-годишен работен стаж во Хидробиолошкиот завод во Охрид, особено ја нагласи потребата дека регионот не смее да го изгуби статусот на подрачје заштитено од УНЕСКО и дека сè што води кон тоа мора да запре.

– Јас патам кога го гледам езерото вакво. Не треба да зборуваме дека ќе го заштитиме, туку треба да го сториме тоа без одложување – напоменува д-р Новевска.

Учесниците, меѓу другото, заклучија дека не се почитува законската регулатива и дека е неопходно нејзино спроведување доколку сакаме регионот да оди напред. Исто така, неопходна е масовна едукација на населението за огромното природно богатство со кое располага регионот и за неговото зачувување доколку сакаме трајни резултати.