Свет Свет ЕК предлага распоредување на 120.000 бегалци

ЕК предлага распоредување на 120.000 бегалци

Европската комисија ќе побара од земјите-членки итно да распределат 120.000 бегалци по Европската унија, за подобро да се соочи со мигрантската криза, јавува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“, повикувајќи се на извори од ЕК.

– Бидејќи воспоставувањето постојани механизми (за решавање на мигрантската криза) може да потрае, имаме особено итна ситуација во Италија, Грција и во Унгарија. Ќе предложиме итно распределување на 120.000 бегалци – вели истиот извор.

Се очекува предлогот официјално да го поднесе претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, на 9 септември, откако мерките ќе се разгледаат со другите комесари.

Елисејската палата претходно денеска соопшти дека Германија и Франција ќе предложат во Брисел „еднакви квоти“ во Европа.

„Француско-германската иницијатива има цел да осигура враќање на илегалните мигранти во нивните матични земји и поголема соработка со земјите кои служат како транзит за бегалците“, се наведува во соопштението од кабинетот на францускиот претседател Франсоа Оланд и се додава дека ЕУ треба да реагира „одлучно и во согласност со европските вредности“.