Свет Европа ЕК поведе прекршочни постапки против Унгарија, Полска и Чешка

ЕК поведе прекршочни постапки против Унгарија, Полска и Чешка

Европската комисија одлучи да поведе прекршочни постапки против Унгарија, Полска и Чешка затоа што овие земји членки не ги исполниле своите обврски поврзани со прифаќањето бегалци.

Еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, соопшти дека Комисијата веќе една година испраќа повици за солидарност и за исполнување на законските обврски за релоцирањето бегалци од камповите во Грција и во Италија. На крајот, како што рече тој, откако Европската комисија сфати дека нејзините напори се залудни, одлучи да преземе правни чекори против овие членки.

– Овие три земји ништо не направија по ова прашање. Унгарија ниту се обврза дека ќе преземе бегалци ниту, пак, некого прифати. Полска се обврза, но не прифати никого, а Чешка не направи ништо во последната година – порача еврокомесарот.

Во Европската комисија наведуваат дека повеќето земји членки на ЕУ се согласиле дека релокацијата на бегалци е можна само доколку постои политичка волја.