Дописници Еднодневна едукативна екскурзија за меѓуетничка интеграција во образованието

Еднодневна едукативна екскурзија за меѓуетничка интеграција во образованието

Ученици од прва до четврта година од охридската гимназија „Св.Климент Охридски“ и од струшката гимназија „Д-р Ибрахим Темо“, во рамките на Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието на Министерството за образование и на УСАИД, реализираа еднодневна едукативна екскурзија и посета на туристичките локалитети во Охрид.

Целта беше запознавање на заедничкото културно-историско наследство, со кое се презентираме пред светот и преку кое се осознаваме самите.

При заедничкото едукативно дружење, што се одржа во Охрид, учениците придружувани од своите ментори, се запознаа со карактеристичните локалитети во градот како опеаните Билјанини извори, Националниот парк „Галичица“ и Охридското Езеро.

Го посетија „Заливот на коските“, знаменитостите во стариот дел на градот, Античкиот театар, Плаошник, Канео, потоа Зејнен Абедин џамија и црквата „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“.

Менторот Алберта Гулицовска ги воведе учениците во антиката и во античката култура и традиција, а професорката по географија Менка Ѓореска ги запозна гимназијалците со формирањето на релјефните форми и генетските релјефни форми што ги опкружуваат.

Во реализацијата на активноста беа вклучени директорот на охридската гимназија „Св. Климент Охридски“, Звонко Трпески, координаторот на проектот, Алберта Гулицовска, менторите Менка Ѓореска и Рената Арнаудова, како и професорите од струшката гимназија „Д-р Ибрахим Темо“, Арта Пошка Коку, Рајмонда Мамуди, Ѓунер Махмуд и Диана Шеху.