На 13 мај ќе започне единаесеттото издание на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО со перформансот „Extima: Плодна почва“ на Оља Грубиќ. Организаторите Тиииит! Инк информираат дека интердисциплинарната програма на Фестивалот вклучува изложби, промоции, концерти, филмски проекции, перформанси и ќе трае до крајот на годината.
„Водени од зборовите на Одри Лорд, оваа година ПРВО ПА ЖЕНСКО се води од идејата дека: „Иднината на Земјата веројатно зависи од вештината на жените да идентификуваат и развијат нови дефиниции за моќта и нови начини за поврзување преку различностите.“ Програмата на единаесеттото издание на ПРВО ПА ЖЕНСКО го слави интерсекцискиот феминизам и има за цел да поттикне нови можни дефиниции за поправеден свет зашто старите дефиниции веќе не ни служат“, се наведува во соопштението од организаторите на фестивалот.
Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО е поддржан од Амбасадата на Шведска во Скопје, Фондацијата Kvinna till Kvinna, Sigrid Rausing Trust, Equality Fund и Министерството за култура.