Македонија Еден убиен и двајца ранети во престрелка во Струшко

Еден убиен и двајца ранети во престрелка во Струшко

Основното јавно обвинителство Струга почнало истрага за вооружена престрелка која синоќа, околу 22 часот, се случила на локалниот пат Струга – Долна Белица, во која едно лице е убиено, а две се тешко повредени и пренесени во болница, соопшти утрово Јавното обвинителство.

„Основното јавно обвинителство Струга изврши увид на местото на настанот, кој се случи вчера, околу 22 часот, на локалниот пат Струга – Долна Белица. Во меѓусебна престрелка меѓу две групи, едно лице го загуби животот, а двајца се повредени. Еден од повредените се наоѓа на лекување во струшката болница, додека другото, поради тежината на повредите, е пренесено на лекување во Скопје“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Како што информираат оттаму, претстрелката се случила кога кон група луѓе било стрелано од возило во кое имало неколку лица. Според првичните информации, причина за пукањето биле „меѓусебни нарушени односи“.

По престрелката сторителите го напуштиле местото и сè уште се во бегство, односно во моментов се недостапни на органите на прогонот.

„Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга во насока на расветлување на настанот и пронаоѓање на сторителите, издаде наредба за обдукција на починатото лице, за прибирање и за вештачење траги од местото на настанот. Возилото од кое се пукало е испратено на вештачење и на обработка“, велат од Јавното обвинителство.