Економија ЕБОР со 20 милиони евра ќе ги поддржи локалните бизниси во земјава...

ЕБОР со 20 милиони евра ќе ги поддржи локалните бизниси во земјава погодени од ковид-19

Фото: Robert Anasch, Unsplash

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обезбеди кредитна линија во износ од 20 милиони евра за кредитирање на локалните приватни бизниси и корпорации погодени од пандемијата на корона вирусот во земјава.

„Македонската економија е помалку зависна од туризмот во споредба со земјите на Западен Балкан, но производството и трговијата имаат силно влијание. Новото финансирање е витално за надминување на моменталната криза, а преку Шпаркасе Банка Македонија, ЕБОР ќе може да ги поддржи компаниите на кои им е потребна помош“, соопштија од ЕБОР.

– Обезбедувањето на финансиска помош и ликвидност за време на овие тешки времиња е есенцијално за поддршка на целата економија во земјата – изјави Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за Северна Македонија.

Според Глигор Бишев, главен и извршен директор на Шпаркасе Банка Македонија, нивната банка развила мерки и решенија за поддршка на долгорочни одржливи бизниси, кои во моментов се погодени од пандемијата на ковид-19.

– Ќе продолжиме преку нашето партнерство и поддршка од ЕБОР да работиме заедно со нашите клиенти со цел да придонесеме колку што може повеќе во минимализирање на негативните ефекти од корона вирусот во нашата земја – рече тој.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во Северна Македонија. До денес во нашата земја има инвестирано над 2 милијарди евра во 133 проекти во земјата.