Македонија ДЗС: Се интензивираат активностите за пописот, на конкурс се бараат реонски попишувачи...

ДЗС: Се интензивираат активностите за пописот, на конкурс се бараат реонски попишувачи и инструктори

Фото: Архива на Мета.мк

Државниот завод за статистика (ДЗС) ги интензивира организациските подготовки за претстојниот попис 2021, кој ќе се спроведе од 5 до 30 септември. За таа цел, на 20 јули ќе се објави конкурс за избор на реонски попишувачи и инструктори за пописот на населението, домаќинствата и становите во РСМ, кој ќе трае до 5 август, соопштија од ДЗС.

За на време да бидат обезбедени реонски попишувачи и инструктори и да се остави доволно време за нивна обука, од ДЗС информираат дека со конкурсот ќе се бараат 5.055 реонски попишувачи и 508 реонски инструктори за 50-те пописни реони. Условите на кандидатите се да бидат полнолетни државјани на РСМ, да не се вработени, да имаат завршено најмалку средно образование и да поседуваат компјутерски вештини. Пријавувањето ќе се врши преку веб-апликацијата која ќе биде поставена нa веб-страницата Popis2021.stat.gov.mk, a документите ќе се доставуваат по пошта до ДЗС, а кандидатите ќе можат да ги донесат и лично, на денот на закажаното тестирање во комисиите на пописните реони, информираат од Заводот.

Инаку, првично, пописната акција во државава требаше да се реализира годинава од 1 до 21 април, при што се донесе Законот за попис на почетокот на годината, а од март започна попишувањето на иселениците во странство, дипломатско-конзуларните претставништва, лицата во казнено поправните установи и бездомните лица. Но, процесот запре непосредно пред стартот на пописот, поради притисок на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и истиот се одложи за периодот од 5 до 30 септември. Главниот адут на опозицијата беше дека пописот не треба да се спроведува во време на големи бројки на заразени и починати лица од ковид. Изменетиот датум беше договорен на средбата меѓу премиерот Зоран Заев од СДСМ и Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, по што веднаш во Собранието беа донесени и измените во Законот за попис.

Инаку, заклучно со денешниот ден, пописот непречено се одвива во странство и досега се самопопишани 190.260 лица во странство, информираат од Државниот завод за статистика.