Култура ДЗР: 318 милиони денари исплатени за културни проекти без јасно дефинирани критериуми

ДЗР: 318 милиони денари исплатени за културни проекти без јасно дефинирани критериуми

Утврдени се слабости во распределбата на средствата за проекти од национален интерес, особено во меѓународната културна соработка, кои, според ревизорите, укажуваат на недостаток на транспарентност. Дел од исплатените средства за проекти не биле доделени преку редовни конкурси, а некои правни лица добиле поддршка над лимитот од четири проекти, што го нарушува почитувањето на утврдените услови

фото: Министерство за култура / Фејсбук

Министерството за култура минатата година исплатило вкупно 318 милиони денари, односно над 5 милиони евра за различни културни проекти, без јасно дефинирани критериуми за распределба, што може да влијае на субјективен избор на проектите, се вели во новиот извештај што го објави Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Ревизорите констатирале недостатоци во распределбата на средствата за културни проекти, која се врши преку Годишен конкурс согласно Законот за култура.

Поради утврдените неправилности и неусогласености, ДЗР издал неповолно мислење во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи, како и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива.

„Констатирано е дека не постојат јасни квалификации за членови на комисиите, приоритетите во конкурсите често се општи и не се темелат на долгорочни политики, а критериумите за оценка на проектите не се строго дефинирани, што создава простор за субјективизам, некомпетентно именување на членови и неправилно категоризирање на проектите“, стои во ревизорскиот извештај.

Овие недостатоци, вели ДЗР, довеле до недоволно квалитетна распределба на средства, а комисиите бодувале проекти без конкретни насоки и без мерила за негативно бодување на неуспешни автори.

„И покрај приоритетот за реформи во оваа област, предлогот за нов закон, кој би можел да го подобри системот, сè уште не е усвоен“, додаваат ревизорите.

Во рамките на Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2023 година, Министерството за култура поддржало 74 од 185 апликации за интердисциплинарни проекти, што претставува 40 отсто од предлозите, со вкупна исплата од 22.185 илјади денари.

И покрај тоа што интердисциплинарната дејност не е формално дефинирана во Законот за култура, Министерството 4 продолжило да финансира проекти надвор од утврдените категории, што не е во согласност со Законот за културата.

„Поради финансиски договори кои дозволуваат финансирање на повеќе од два проекти од едно правно лице, како и недостигот на целосна документација и евалуација за измените на договорите, се загрозува транспарентноста и правичноста во распределбата на средствата. Овие недостатоци отвораат простор за неправилности и фаворизирање на одредени проекти во интердисциплинарните активности“, се вели во извештајот на ДЗР.

Утврдени биле слабости и во распределбата на средствата за проекти од национален интерес, особено во меѓународната културна соработка, кои, според ревизорите, укажуваат на недостаток на транспарентност. Дел од исплатените средства за проекти не биле доделени преку редовни конкурси, а некои правни лица добиле поддршка над лимитот од четири проекти, што го нарушува почитувањето на утврдените услови.

„Иако Министерството има усвоено Упатство за финансирање, тоа не нуди доволно прецизни насоки, што создава неповолна ситуација за другите учесници во конкурсите“, велат ревизорите.

Со ревизијата, констатирани се слабости и во евидентирањето на средствата и проектната документација за капитални објекти во периодот од 2012 до 2023 година.

Во однос на остварувањето на приоритетите за развој и унапредување на културата, ДЗР констатирал дека последната усвоена Национална стратегија за развој на културата од Собранието го покрива периодот 2018-2022 година, оставајќи ги активностите за 2023 година без јасни насоки. Министерството немало донесено годишен план ниту за претходниот период, ниту за 2023 година, што е нотирано и во претходните ревизорски извештаи.