Дописници Две тепачки на навивачи синоќа во Тетово

Две тепачки на навивачи синоќа во Тетово

Членови на тетовската навивачка група „Војводи“ вчера, околу 19 часот, во Тетово нападнале две лице на возраст од 20 години. Инцидентот се случил на улицата Иво Лола Рибар, по која се движеле нападнатите. Тие биле удирани по главите и по телата. Во меѓувреме, ги разделиле две лица кои со возило запреле на улицата, по што напаѓачите се оддалечиле од местото. И двајцата тетовци добиле видливи повреди, пренесени се во тетовската клиничка болница и пуштени се на домашно лекување.

Тетовската полиција синоќа регистрираше уште една тепачка. Околу 19.30  часот, три лица додека се движеле кон своите домови по улицата Гоце Делчев во Тетово, биле пресретнати од две патнички возила „БМВ“ и „даеву матиз“, од кои излегле осум-девет непознати лица, членови на навивачката група „Балисти“, кои веднаш ги нападнале. Непознатите со тврд предмет и со тупаници удирале едно од лицата во главата и по екстремитетите, додека неговите другари го напуштиле местото за да побараат помош. Сосед го пренел повредениот во тетовската клиничка болница за да му се укаже  помош, каде е задржан за понатамошно лекување.

Полицијата проверува дали овој инцидент е поврзан со претходната тепачка, регистрирана на улицата Иво Лола Рибар во Тетово.