Ctrl - Z Две децении по првиот поткаст во светот – овој медиумски жанр стана...

Две децении по првиот поткаст во светот – овој медиумски жанр стана популарен и во Македонија

Поткастите станаа толку популарни што голем број медиуми го менуваат својот концепт што го практикувале со години. Портали, телевизии, граѓански организации, индивидуи, поткастите се насекаде околу нас

Студио за поткаст | Фото:Ajcosta, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Точно 21 година од појавување на првиот поткаст во светот, по што се случи лавина од вакви аудио продукти во светски рамки, трендот станува исто толку голем и кај нас, во Македонија. Овој тренд, особено пред двојните избори годинава, стана толку популарен што веќе и класичните медиуми како националните телевизии имаат поткаст. Или два. Поткастите станаа толку популарни што голем број медиуми го менуваат својот концепт што го практикувале со години. Портали, телевизии, граѓански организации, индивидуи, поткастите се насекаде околу нас.

Но, што всушност претставува поткастот?

Терминот поткаст датира уште од појавувањето на првиот Ајпод од 2001 година. Еден од најголемите светски иноватори кој со секој нов производ го менуваше начинот на живот на граѓаните на планетата земја, Стив Џобс, како извршен директор на „Епл“, го најави малиот уред којшто требаше да го промeни радиото како медиум засекогаш. Но, покрај радиото, промените кои ги предизвика овој уред сè уште се случуваат и во музичката индустрија, но и во медиумската отварајќи ја вратата за нов жанр, а со тоа и нов пазар, кој ќе ги освои срцата на луѓето. Особено оние што бараат индивидуален, специфичен израз, најчесто преку аудио, а од неодамна и преку видео продукција. Всушност, самиот збор поткаст е кованица од англиските зборови iPod и broadcast (емитување), што би значело емитување за Ајпод.

Официјално, првиот поткаст во светот е креиран од страна на новинарот Кристофер Лидон и бил наречен „Radio Open Source“ во 2003 година. Иако тогаш терминот „поткаст“ сè уште не бил целосно класифициран и не било сигурно дека го преставува со зборови тоа што всушност се продуцира. На сличен начин и кај нас, не е баш најсигурно кој е вистинскиот термин, подкаст или поткаст, во услови кога нема пригоден превод на македонски јазик. Па така, некои го викаат подкаст, некои го викаат поткаст. Некои го снимаат како ТВ емисија, други како радио драма, некои го прават во живо, некои го монтираат. Сепак, во последно време под влијание на лекторите преовладува примената на правилото за едначење по звучност на овој странски збор, па оттука почесто се нарекува поткаст. Како и да е, за среќа или не, стотина нови поткасти изникнаа во македонскиот интернет простор во последните шест месеци и нудат содржини за секого.

Колкаво влијание има модерниот поткаст?

Едно од најзначајните влијанија на поткастите е демократизацијата на креирањето содржина. За разлика од традиционалните медиуми кои често бараат значителни финансиски инвестиции и пристап до мрежите за емитување, поткастите дозволуваат секоj што има микрофон и интернет конекција да го сподели својот глас.

Поткастите обезбедуваат уникатен формат што поттикнува длабок ангажман со темите. За разлика од традиционалните медиуми кои често се грижат за краток опсег на внимание, поткастите овозможуваат подолги дискусии. Оваа длабочина на содржината е особено корисна за образовни цели. Многу поткасти навлегуваат во сложени теми, нудејќи им на слушателите шанса да научат за науката, историјата, политиката, на привлечен и често забавен начин.

Поткастите имаат единствена способност да поттикнуваат заедници и врски меѓу слушателите. Многу поткасти имаат посветени бази на обожаватели кои се занимаваат со содржината и едни со други преку социјалните медиуми и настаните во живо. Гледајќи нанапред, иднината на поткастите изгледа светла. Како што технологијата продолжува да напредува, можеме да очекуваме уште поиновативни начини за создавање, дистрибуирање и консумирање поткасти.

Photo by Soundtrap on Unsplash

Првите поткасти во Македонија

Првиот поткаст којшто се има појавено во Македонија е Гроздановиот поткаст” креиран од страна на поранешниот новинар Гроздан Попов во 2007 година. Тематиката која што ја следи овој поткаст е за настани од домашни и странски вести. Во рамките на тој поткаст се објавени вкупно 20 епиозоди. Потоа има доста стагнација, и некои помали поткасти се појавуваат на неколку години.

Модерните поткасти со видео формат се појавуваат во 2016 година и првиот таков видео-поткаст е креиран од страна на „ГГ.МК“ на платформата Твич. Поткаст што активно оди во живо веќе 10 години (10 сезони). Тематиката на овој поткаст е гејминг и технологија.

Прашавме еден од креаторите и водителите на овој Поткаст, Гораст Цветковски, кој што е еден од најпознатите актери и шоумени во Македонија, за тоа колкава е разликата да се прави поткаст во Македонија пред десет години и денес.

Сега имате евтина техника за да продуцирате поткаст. Сега имате достапно брз и евтин итернет за да го пласирате на публиката. Останува да имате добра содржина. Кога почнувавме со GG.MK, ние имавме содржина, но она другото го посакувавме. Со време стигна и тоа па работите се склопија, вели Цветковски.

Гораст Цветковски / фото: лична архива

Цветковски се надоврза со тоа што ни објасни кои се и проблематиките кои што ги имаат луѓето во Македонија кои што креираат поткасти.

Во моментов токму поради техничките предизвици, мал број подкасти се осмелуваат да одат во живо, па впрочем се емисии со формат на подкаст кои би требало да се нарекуваат видеокаст, вели тој.

Од 2020 година наваму започнува периодот на драстично зголемување на бројот на поткасти, кога пандемијата беше во тек, а сите беа затворени дома и едноставно им беше потребно некаква интеракција со светот. Во еден момент сите почнаа поактивно да ги користат социјалните мрежи и да споделуваат видеа на нив со целиот свет. На луѓето им требаше простор да го надокнадат недостигот на комуникација во живо.

Според статистики направени на крајот од 2020 година во светот имало активни повеќе од еден милион поткасти, што е раст од 70 отсто во споредба со 2019 година кога имало само триста илјади поткасти ширум светот. Во истата таа 2020 година се креирани преку 30 милиони епизоди на поткасти коишто можат да се гледаат и слушаат на социјалните мрежи.

Првиот поткаст агрегатор во Македонија

Благодарение на огромната популарност, годинава се креираше и првиот поткаст агрегатор во Македонија за содржини на македонски, албански и англиски јазик. Овој агрегатор е креиран од страна на новинарката и водителката на поткастот „Анекта“ – Теодора Цветковска, во соработка со Блинк Маркетинг и Медија.

Цветковска за Мета.мк вели оти поткастот како медиум денес има значително влијание врз младите и останатата популација поради неговата достапност, разновидност на теми и можност за интерактивност.

Младите особено го ценат поткастот како начин за информирање и едукација, бидејќи можат да го слушаат со своето темпо, било каде и во секое време. Оваа медиумска платформа исто така овозможува креаторите и новинарите да се поврзат директно со својата публика, вели Цветковска.

Теодора Цветковска / фото: лична архива

За идејата за креирање на првиот агрегатор за поткасти во Македонија, Цветковска вели оти произлегла од потребата за централизирано место каде што слушателите можат да откриваат нови поткасти, а креаторите можат да ја зголемат својата видливост.

„Овој агрегатор има за цел да ја промовира локалната креативна сцена и новинарството, да им помогне на новите креатори да се пробијат и да ја зголеми достапноста до македонските поткасти. Исто така, агрегатот овозможува подобра организација и структурирање на содржината“, додава таа.

Анкета за поткасти во Македонија

Покрај тоа што контактиравме некои од авторите и водители на поткасти, спроведовме и онлајн анкета каде што голем број на луѓе одговорија на неколку прашања поврзани со поткастите.

  • Колку често слушате/гледате поткасти?

Тие што учествуваа во анкетата на прашањето колку често следат поткасти дадоа доста интересни и различни одговори, иако бројките повторно се слични. Можеме да утврдиме дека жанрот поткаст станува доста популарен, така што повеќе од една третина од публиката гледаат или слушаат поткасти неколку пати неделно.

Анкета: Колку често слушате/гледате поткасти?
  • Кој тип на поткасти најчесто ги слушате?

Бидејќи поткастот е лесно достапен за секого, тематикитие коишто можат да бидат опфатени за креирање на некаков поткаст се огромни. Луѓе можат да креираат поткаст за спорт, гејминг, технологија, здравје, забава, вести, политика, и листата може да оди и во некои тематики како што се љубов, градежништво, животни, и сето останато.

На испитаниците на оваа анкета им беа понудени неколку опции за видот на поткасти што преферираат да ги глеадат или слушаат. Според одговорите, најинтересни поткасти се оние од тематиките гејминг и забава (јавни личности, комедија, итн). Поткасти коишто ги следат темите со Гејминг во Македонија се „ГГ.МК“, а поткасти со тематика на Забава се поткасти како „Дебели Гикови, Лазаров, Селебрејт Лајф, Татт а Татт итн.“

Следуваат поткастите за спорт, технологија, бизнис и финансии, но и одредени поткасти за вести и политика. Под темата на спортски поткасти во Македонија можат да се одбројат „Бајкерот и Кросфитерот, Фит Ин Поткаст, СпортКаст, Од Клупа и Скратен Корнер“. Интересно за овие спортски поткасти е што сите се интересираат за различна спортска тематика. Некој од нив се наменети за кросфит, некои за кошарка, а некои за фудбал.

  • Кои Македонски или странски поткасти ги гледате/слушате?

На ова прашање испитаниците дадоа доста голем број на различни одговори. Беа наведени повеќе поткасти коишто се и од домашна продукција, но имаше и доста странски поткасти.

Поткастите коишто беа именувани се: „Лазаров“, „Претрес“, „Од Клупа“, „Дебели Гикови“, „ГГ.MK“. „Бајкерот и Кросфитерот“, „Томас Перформанс“, „Јао Миле Поткаст“, „Џо Роган Експириенс“, „Champions League Podcast“, „Ретронаутс“, „Лекс Фридман Старталк“, „Лап 76“, “Стејк и Егс Поткаст“, „Стив-о Вајлд Рајд“, „Инкубатор Поткаст“, „Сајмон Синке“, „Дневникот на Извршниот Директор“, „Дајв Студиос“, „Доктор Мајк“, „Анекта“, „Каде се парите“, „Ендрју Хјуберман“ и „Агеласт“.

  • Како поткастите влијаат на вашите ставови за актуелните настани?

На прашањето како влијаат темите коишто се водат во поткастите на актуелните настани коишто се случуваат во Македонија, од политички и културен аспект, половина одговорија дека умерно им влијаат. Ова доаѓа од фактот што многу јавни личности од сферите на шоу-бизнисот и политиката се чини дека повеќе сакаат да гостуваат во поткаст емисии, за разлика од класични телевизиски и дебатни емисии. Сметаат дека вистинската голема публика повеќе не се наоѓа на телевизиите и конвенционалните медиуми, туку на новите медиуми.

Останатите испитаници одговорија дека поткастите и темите за коишто се зборува на тие видови емисии малку им влијаат или воопшто не им влијаат.

Анкета: Како поткастите влијаат на вашите ставови за актуелните настани во Македонија?
  • Дали мислите дека поткастите се сигурен извор на информации?

Бидејќи и поткастот веќе стана сериозен жанр, испитанците ги прашавме колку поткастот е релевантен и сигурен извор од каде што можат да се црпат информации за дневни теми. И овде може да видиме дека има големо согласување и слично мислење. Повеќе од 80 отсто тврдат дека поткастот како медиум само понекогаш им е сигурен извор за информации.

Анкета: Дали мислите дека поткастите се сигурен извор на информации?
  • Како поткастите се споредуваат со другите медиумски форми (на пример, ТВ, радио, весници) во однос на влијанието и доверливоста)

Ова е интересно прашање каде што испитаниците дадоа доста голем број различни одговори за тоа како поткастот како модерен новинарски жанр се споредува со другите медимуски форми како што се телевизијата, радиото или весниците.

Младите воопшто не гледаат телевизија, така што мислам дека поткастите се одлични за информирање и едуцирање на младите, напиша еден од испитаниците

  • Какви подобрувања или промени би сакале да видите во пејзажот на поткастот?

На ова прашање дел од испитаниците рекоа оти би сакале да видат што по разновидни поткасти кои се од интерес на самите водители. „Само тоа е рецепт за добра содржина. Би сакал да се вклучат и новинари и водители кои имаат големо искуство во темите кои се разработуваат”, вели еден од оние што одговорија на анкетата.

Влијанието на поткастите во Македонија е длабоко и многуаспектно. Тие го демократизираат креативниот процес, ја преосмислуваат достапноста, го зголемуваат ангажманот, влијаат врз традиционалните медиуми и градат заедници. Додека поткастите продолжуваат да се развиваат и растат, нивното влијание ќе се зголемува, формирајќи го начинот на кој ќе се споделуваат и конзумираат информации. За слушателите и создавачите исто така, ова е доста возбудлив период.