Македонија Дваесетина деца се затруле со храна во одморалиште во Дојран

Дваесетина деца се затруле со храна во одморалиште во Дојран

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека изминатиот викенд се регистрирани два случаи на можни труења од храна, и покрај тоа што оттаму редовно апелираат и упатуваат препораки како да се ракува и да се консумира храната во летниот период.

Поголемо труење имало во детското одморалиште во Дојран, при што со симптоми на труење, како повраќање и дијареа, хоспитализирани се околу 20 деца на возраст од седум до 14 години.

„Веднаш е направен инспекциски увид од Агенцијата за храна и ветеринарство во конкретното одморалиште. Кујната на летувалиштето е затворена и забранета за користење. Константирани се повеќе недоследности, земени се брисеви и мостри од храна за понатамошна лабораториска анализа, наредени се мерки за дезинфекција и темелно чистење“, велат од Агенцијата.

Другиот случај на можно труење од храна е регистриран во слаткарница во скопско Драчево, каде сопружници со истите симптоми се хоспитализирани по консумирање слатки од локална слаткарница.