Култура Дуке Бојаџиев за 2016 година најави концерт во Скопје

Дуке Бојаџиев за 2016 година најави концерт во Скопје

На 20 февруари во арената „Метрополис“ во Скопје, ќе се одржи концерт на композиторот, пијанист и продуцент Дуке Бојаџиев, насловен „Дуке и пријателите“.

На својот најголем концерт во досегашната кариера, Дуке ќе настапи заедно со своите пријатели и соработници: пејачките Каролина Гочева и Тања Царовска, актерот Никола Ристановски, кларинетистот Исмаил Лумановски и перкусионистот Матијас Кунзли – сите придружувани од камерен оркестар.

Ова ќе биде прв концерт на Дуке Бојаџиев по успешното претставување во престижната концертна сала „Карнеги хол“ во Њујорк, каде настапи со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, а на кој специјална гостинка беше Каролина.

Дуке Бојаџиев веќе долго време живее и твори во центарот на светската култура, Њујорк, меѓутоа своите најнови проекти континуирано ги промовира и на домашната музичка сцена, пред својата публика.

Автор е на филмска, електронска и на акустична музика во која може да се почувствува духот на македонската традиција, иако принципите во кои е врамен неговиот музички израз и стил се строго западноевропски. Низ неговата интернационална кариера, Бојаџиев има соработувано со оскаровците Џонатан Деми и Денис Танович, како и со македонскиот режисер Столе Попов за неговото последно филмско остварување. Музиката на Дуке е користена за светски кампањи на познатите брендови „Пежо“, „Ланком“ и „Лореал“, но и на разни светски музички компилации како „Буда бар“ и „Маракеш експрес“.