Македонија ДУИ поднеле пет од шесте илјади амандамни за измените на Изборниот законик

ДУИ поднеле пет од шесте илјади амандамни за измените на Изборниот законик

Пратеничката група на ДУИ поднесе речиси 5.000 амандмани на предлог – измените на Изборниот законик, затоа што смета дека процес на еднонасочно, еднострано менување на правилата на игра пред да започнат изборните процеси е опасен преседан со кој би се соочило ова Собрание и политичката сцена во нашата држава, изјави денеска пратеникот на оваа партија, Артан Груби.

– Сметаме дека тие правила на игра за сите политички партии мора да се донесат консензуално во согласност со сите политички партии – рече Груби на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека ДУИ е за разговори за менување на Изборниот законик, информирајќи дека за утре министерката за правда Рената Дескоска свикала состанок на сите парламентарни, но и вонпарламентарни партии и на претставници на цивилното општество и на други институции, на кои ќе се разговара за изнаоѓање најдобар можен изборен модел и Изборен законик.

Според Груби, не би требало да се прават опасни преседани со партиски калкулации само за следните избори од која било страна, затоа што со тоа се отвора Пандорината кутија и нема да се знаат последиците.