Македонија Државните функционери и политичари да престанат со непрофесионалното однесување кон новинарите, реагира...

Државните функционери и политичари да престанат со непрофесионалното однесување кон новинарите, реагира мрежата „SafeJournalists“

фото: safejournalists.net

Во изминатите три недели, државните функционери покажаа омаловажувачко, непрофесионално и арогантно однесување кон новинарите за време на прес-конференциите во Северна Македонија, реагира балканската мрежа „SafeJournalists“, која обединува новинарски здруженија од Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Косово.

Во соопштението на мрежата се вели дека несоодветна комуникација од државни функционери кон новинари во земјава имало пет пати и затоа не станува збор за изолирани инциденти.

„Овој однос кон новинарите и медиумските работници од оние кои треба да дадат пример за позитивна комуникација не само што ќе има негативно влијание врз јавноста во нашата држава, туку несомнено ќе има негативна оценка во извештаите на Европската комисија како и на другите релевантни организации. Затоа, оваа практика мора да престане и сите чинители во јавниот дискурс мора да покажат почит и професионален однос кон новинарите и медиумските работници“, изјави Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Осуда за несоодветното однесување на јавните функционери стигна и од страна на Европската федерација на новинари (ЕФН).

Мрежата „SafeJournalists“ која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, го осуди ваквото однесување на оние кои се на позиција на моќ и авторитет и ги повика државните функционери да ги почитуваат новинарите затоа што ја вршат својата работа и поставуваат прашања од интерес на јавноста.

„Властите се избираат од страна на граѓаните и како такви тие се одговорни пред нив и пред новинарите кои ги информираат граѓаните за случувањата во државата. Исто така, тие треба да негуваат култура на толеранција и да покажат подготвеност за соработка“, се вели во реакцијата на „SafeJournalist“.

Од мрежата велат дека секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани, а за овие случувања ќе ги информираат сите релевантни национални и меѓународни чинители.

ЕФН го осудува однесувањето на државните функционери кон новинарите во Северна Македонија