Главна секција Државниот врв положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев

Државниот врв положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев

Фото: Мета,мк

Под силно полициско обезбедување денеска се одбележува 151 година од раѓањето на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“. Цвеќе на гробот положи претседателот на државата Стево Пендаровски, како и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Артан Груби, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Со богослужбата чиноначалствуваше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан.

Фото: Мета.мк

Откако заминаа владините претставници, почит дојде да искаже и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој во изјава за медиумите кажа дека има почит кон македонецот Гоце Делчев за тоа што го направил за македонскиот народ, но кажа и дека бил разочаран поради поставените полициски барикади до црквата.

Изјава за медиумите даде професорката Фросина Ременски која кажа дека Гоце Делчев е цивилизациска вредност и дека тој е повеќе од Македонија.

„И бугарскиот и македонскиот народ, но пред сè македонскиот народ треба да биде отворен за прифаќање на слободумните и мирољубувите луѓе кои сакаат да ги чествуваат вредностите кои ги негуваше Делчев“, рече таа.

Во текот на денот се очекува да стаса и бугарска делегација, на чело со министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев. На денот на одбележувањето на роденденот на Делчев, се очекува да дојдат и бугарски државјани.

Овој настан се смета за настан од висок безбедносен ризик, па затоа локацијата е под сериозно полициско обезбедување.