Македонија Државниот врв ќе ја одбележи 20-годишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски

Државниот врв ќе ја одбележи 20-годишнината од смртта на претседателот Борис Трајковски

Комеморативните активности завршуваат вечерва, со комеморативен концерт во Национална опера и балет во Скопје

Фото: Влада на РСМ

Со државнички активности, Владата и Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе ја одбележат 20-годишнината од авионската несреќа кај Мостар, во која животот го загуби тогашниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот.

На градските гробишта Бутел, со почеток во 12 часот, на гробот на поранешниот претседател Трајковски ќе положат свежо цвеќе неговата сопруга Вилма Трајковска со членови од семејството, Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, делегација на Собранието предводена од претседателот на Собранието, Јован Митрески, делегација на Владата составена од вицепремиерката Славица Грковска и Ристо Пенов, министер за локална самоуправа, како и делегација на АРМ и Сојуз на борци од НОАВМ.

Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина на спомен обележјето каде што се случи несреќата, во 10 часот ќе положат свежо цвеќе претставници од владината делегација составена од министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање и полковник Билјана Блажеска, аѓутант на Претседателот на Република Северна Македонија.

Во Ротимље ќе присуствуваат и високи претставници од Босна и Херцеговина.

Во Струмица, со почеток во 10 часот на споменикот на поранешниот претседател на Република Северна Македонија, Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат свежо цвеќе делегацијата од Владата предводена од Јованка Тренчевска, дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика, заедно со Кирил Парталов, државен секретар во Министерството за локална самоуправа.

Комеморативните активности завршуваат вечерва, со комеморативен концерт во Национална опера и балет во Скопје.