Свет Балкан Државната радио-телевизија на Грција повторно почна да емитува програма

Државната радио-телевизија на Грција повторно почна да емитува програма

Грчката радио-телевизија ЕРТ од денеска повторно почна да емитува програма, две години откако претходната влада ја укина поради штедење, со што предизвика бурни реакции кај домашната и кај меѓународната јавност.

Водителите на ЕРТ, чија програма беше прекината на 11 јуни 2013 година, денеска ветија дека ЕРТ ќе биде телевизија за сите Грци и оти нема да ја контролира ниту една влада.

Новата грчка влада по доаѓањето на власт, кон крајот на јануари, вети дека повторно ќе ја отвори ЕРТ и оти нема да влијае врз нејзината уредувачка политика.

Финансирањето на ЕРТ ќе се осигура преку месечна претплата од три евра, што е утврдено и со закон. Според процените, на ЕРТ ѝ се потребни 60 милиони евра за покривање на сите трошоци.