Главна секција Државата ќе „наметнува“ социјализација, родителите и наставниците ќе свиркаат

Државата ќе „наметнува“ социјализација, родителите и наставниците ќе свиркаат

Министерството за образование и наука вчера информираше дека во тек е реализацијата на проектот „Заедничка грижа за правилно насочување на учениците“, која има цел да ги зајакне врските меѓу родителите, учениците и наставниците, преку заеднички активности во училиштето, како што се организирање спортски, културни, забавни и едукативни активности.

Оваа новина веднаш предизвика реакции во јавноста, пред сè од наставниците и од родителите. Тие се затечени од оваа новина и велат дека е само уште еден проект кој им создава дополнителни ангжмани и тоа во слободното време.

– Во ред е да се мисли на таа врска, но мислам дека ова дојде некако одеднаш. Премногу промени истрпевме оваа година, од Кембриџ-програмата до овој проект, а никој не ги прашал ниту родителите, ниту наставниците. Ова можеби е добра идеја, но мора да се воведува етапно и за неа да има широка јавна дебата. Вакви прашања не се решаваат само со допис од Министерството за образование – вели еден родител на ученик во Основното училиште „11 Октомври“ од Скопје.

Од оваа новина затечени се и наставниците, кои велат дека сè уште не го разгледале предлогот и не можат да го коментираат, иако ја нагласуваат дилемата за тоа како може да се воведува дополнителна настава кога во некои училишта во Кичево, Струга и во Охрид, поради немањето греење, не се одржува ниту редовната настава.

– За Владата на Република Македонија и за Министерството за образование и наука, најдобрите интереси на децата се врвен приоритет и токму затоа, овој проект, кој како практика постои, се применува и дава позитивни резултати во многу од земјите со високо развиени образовни системи, се имплементира и во нашата земја – информифраат од МОН.

Социолог Анета Кузевска Поп-Илиоска

Социолозите, исто така, не знаат за каков проект се работи, освен тоа што го виделе и го прочитале во медиумите.

Според социологот Анета Кузевска Поп-Илиоска, ова е многу сериозна тема за која има и тоа како што да се елаборира.  Таа вели дека образованието е комплексен општествен процес, кој е во тесна врска со воспитувањето и со социјализација и преку кои се обликува и се оспособува целокупната личност на детето за животот во заедницата.

– Кога училиштата, семејствата и општествената заедница ќе работат заедно во поддршка на учењето, тогаш учениците ќе даваат подобри резулатати во училиштето, ќе остануваат подолго во училиштето и ќе го сакаат повеќе училиштето – стои во заклучок од извештајот на Југозападна лабораторија за развој на образованието (Southwest Educational Development Laboratory – 2002), истакнат од  Националната асоцијација за едукација – НЕА (The National Education Association –NEA) во САД. Проектот „Заедничка грижа за правилно насочување на учениците“ подразбира дека го има како цел токму заклучокот од гореспоменатиот извештај – вели Поп-Илисока.

Кога неговиот родителот сериозно ќе ја сфати зададената задача од училиште, тоа за детето, тврди Поп-Илисока, е многу позитивен пример.

– Тоа е еден многу успешен начин да му испратите позитивна порака на вашето дете дека училиштето вреди нешто. Оваа партиципација на родителите ќе ја промени и пасивната улога која сега родителот ја има само како слушател на родителските средби во активен учесник во образовниот процес на своето дете – изјави Поп-Илиоска за новинската агенција „Мета“.

Сепак, таа  никако не се согласува со „крадењето“ на викендот, односно на двата единствени слободни денови кои родителот треба да ги посвети на потесното семејство.

– Сметам дека петдневната наставна програма е доволна за образовниот процес и сè што отстапува од неа ќе биде наметната социјализација, која, како таква, нема да ги постигне очекуваните резултати. За време на викендите, секое семејство, во зависност од своите интерни интереси и навики, треба само да си го креира слободното време и социјалните активности за своето дете – заклучува Поп-Илиоска.

В.Ѓ.