Свет Европа Драги: Нема опасност за стабилноста на еврозоната

Драги: Нема опасност за стабилноста на еврозоната

Претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги, денеска изјави дека во моментот не постои опасност од финансиска нестабилност на еврозоната, која би можела да произлезе од ниските каматни стапки што се на сила во блокот на единствената валута.

– Свесен сум дека многумина од вас го следат потенцијалниот ефект од ниските каматни стапки по финансиската стабилност. Дозволете ми да истакнам дека ние будно ги следиме опасностите за финансиската стабилност, но во овој момент не воочуваме нивна појава – рече Драги во обраќањето пред комитетот за економски и за монетарни прашања на Европскиот парламент во Брисел.

Драги напомена дека и на ЕБЦ ѝ е потребно дополнително време за да процени дали е потребно зголемување на актуелната програма за откуп на обврзници од земјите-членки во вредност од 1.000 милијарди евра.

– Програмата за откуп на актива има доволна флексибилност. Ние се прилагодуваме на обемот и на траењето во случај да бидат потребни нови монетарни поттици – рече Драги.